Арсовска прв македонски претставник во Светската комора од 1919 година

Генералниот Совет на Светската Коморска Федерација (World Chamber Federation) со седиште во Париз, го објави назначувањето во раководството на Данела Арсовска. Своето прво обраќање Арсовска го имаше на денешната седница која се одржа во Дубаи со што во раководството на највисоките позиции од 1919 година од 12.0000 комори од целиот свет таа е прв претставник од Република Македонија. 

Арсовска ќе го заземе местото на еден од 20. членови на Генералниот совет кои ќе раководат со Федерацијата, каде останатите членови ги претставуваат САД, Кина, Велика Британија, Русија, Турција, Индија, Иран, Израел, Италија,
Германија, Франција, Канада, Бразил, Германија, Австрија. 

Назначувањето во највисокото тело на Светската Коморска Федерација значи позиционирање на Република Македонија како центар на Западен Балкан за влез на нови инвестиции во земјата и регионот, сигурни партнерства за домашните
стопанственици со цел зголемување на извозот и информации од прва рака за светските економски случувања.

„Горда сум лично и професионално на овој голем успех за Република Македонија и дека по 100 години постоење на Светската федерација од 12.000 комори за прв пат во раководство на највисоките позиции доаѓа лице од Македонија, но и единствен претставник на Западен Балкан. Назначувањето на функцијата во Генералниот Совет е круна на заложбите за интернационализација кои ги промовиравме во изминатите години. Местото кое го заслуживме треба максимално да го искористиме за јакнење на нашата економската позиција, за привлекување на инвестиции во нашата земја, но и за отворање на пазарите за нашите компании за кои е предизвик да пласираат на глобалниот пазар. Пред нас е шансата која треба да се искористи, сигурна сум дека заедно ќе постигнеме многу за развојот на меѓународната трговија врз основа на принципите на слободна и фер конкуренција“ изјави Арсовска во Дубаи на првата седница на новата позиција.

Светската коморска Федерација како единствен глобален форум кој ги обединува стопанските комори од целиот свет, делува на зајакнување на врските меѓу коморите, но го претставува и гласот на бизнис заедницата во најрелевантните светски организации како Организацијата на Обединети Нации ООН, Г20, Светската Трговска Организација, како и Европската Банка за обнова и развој. 

Советот на Светската Коморска Федерација со седиште во Париз, секоја година организира глобален настан на различен континент, минатата година отпочна со реализација на стратешките цели во Кина, а годинава глобалната агенда ја објави во Дубаи.