Бесплатен паркинг кај „Холидеј ин“

По одлуката на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката (АДСДП), паркингот „Центар“ кај хотелот „Холидеј ин“ да престане со работа, денеска паркирањето на овој паркинг е бесплатно.

Додека да се расчисти новонастанатата состојба со враќање на најголем дел од просторот на повеќе сопственици и продажба на приватен инвеститор, граѓаните ја користат можноста за слободен паркинг, заобиколувајќи ги катните гаражи.

Намената на земјиштето кај паркингот „Холидеј ин“ е „станбено домување и деловни згради“ и со сегашниот Детален урбанистички план на општина Центар е предвидена исградба на висококатници, а продажбата на државното градежно земјиште предизвика реакции во јавноста. Во општина Центар е во сила мораториум за издавање одобренија за градење. Градоначалникот Саша Богдановиќ вчера изјави дека до општината досега не се доставени ниту проект ниту барање за издавање дозвола за градба на висококатница, но, како што рече, и да биде доставено такво барање тоа ќе биде одбиено, бидејќи планот за делот каде е планирана изградбата на висококатниците е под мораториум и се ревидира, како и триесеттина други планови во општината.

На паркингот во моментов не може да се најде слободно место поради огромната гужва од автомобили.