Да се купи стан на кредит или да се живее под кирија? Што е поисплатливо

Дом платен во готово, без стресови дека секој први во месецот треба да се подмири ратата. Но, ретки се кај нас оние кои можат да си го дозволат тој луксуз. Какви се калкулациите кога се работи за решавање на станбеното прашање, кое најмногу ги засега младите брачни парови?

Да претпоставиме дека кирија за стан од 50 квадрати во централното градско подрачје изнесува 250 евра месечно. Тој стан да се купи ќе чини 55.000 евра. Така, месечната рата за кредит би изнесувала околу 250 евра, за кредит на 30 години.

Значи, апсолутно не се исплати да враќате кредит, додавајки ги плус каматите што ќе ги исплатите. Освен што за 30 години ќе имате стан.

Да земете кредит или да бидете подстанар е прашање на избор. Вие за 30 години, кога ќе го вратите кредитот, ќе имате стан, а под кирија ќе немате ништо. Значи, бирате помеѓу тоа дали ви е важно да имате имот за 30 години или не ви е важно.
Но, реалната вистина кај нас е дека животот денес е многу неизвесен.
Дали ќе ја задржите вашата работа, дали ќе се одржи платата на исто ниво, ова се првите препреки на кои наидуваат најчесто оние кои размислуваат по ова прашање.

Според извештајот на Агенцијата за катастар и недвижности, во Македонија 31 отсто припаѓаат на закупи на станови, 36 отсто на деловни простори и 4 отсто на куќи, преостанатото припаѓа на закупување на земјоделско и градежно земјиште.

– За периодот од 1 март до 30 јуни 2017 година, во Регистарот на цени и закупнини се регистрирани вкупно 3.005 трансакции. Споредбено со првиот квартал од 2017 година, во овој квартал има регистрирано 415 трансакции повеќе, што укажува на мал пораст на пазарот на недвижности во однос на обемот на тргување. Во овој период се впишани 2.185 продажби на недвижности, 139 продажби од инвеститор и 12 откупи од Македонија, односно вкупен број од 2.336 продажби, што претставува пораст за 201 продажба во однос на првиот квартал од 2017 година – велат од Агенцијата за катастар и недвижности.

Оттаму додаваат дека во однос на закупите, регистрирани се 669 закупи, што претставува пораст во однос на закупите од претходниот квартал за 214 трансакции.

– Може да се забележи дека 73 отсто од трансакциите со недвижностите се однесуваат на продажби, додека 22 отсто од трансакциите се однесуваат на закупи на недвижен имот и заедно сочинуваат 95 отсто од вкупниот пазар со недвижности – велат од агенцијата.