Два концерта викендов на Скопско лето: Музика со млади виолинисти и Француска вечер

Во рамките на Скопско лето викендов ќе бидат одржани два концерта, на учесниците на семинарот за виолина и Француска вечер. Настапот на младите виолинисти ќе се случи вечерва (7 јули) во 20:30 часот во Музејот на град Скопје во соработка со Музичката младина на Македонија.

Десет години по ред, почнувајќи од 2009 година Музичка младина на Македонија во континуитет го одржува возобновениот семинар по виолина за повеќе возрасти.

За резултатите на овој семинар – мајсторска школа зборуваат и мошне квалитетните завршни концерти на кои што настапуваат не само млади музичари – во почетоци на своето музичко образование, туку и веќе оформени и пред крај на своето школување виолинисти, кои ја презентираат македонската култура во земјата и во странство.

В недела (8 јули) во 20:30 часот исто така во Музејот на град Скопје ќе биде одржана Вечер на француска музика. Пред присутните ќе настапат врвните музичари Марија Вршкова – пијано, Марко Поп Ристов – виолина и Фредерик Легранд – виолончело, Франција. Во рамките на програмата ќе бидат изведени делата на Лилет, Купрен, Дебиси, Пуланк.