Лебот поскапе за три денари, од мелничко-пекарската индустрија велат до сега лебот бил многу евтин

Граѓаните се револтирани откако дознаа дека за 10 до 20 отсто или од 15 на 18 денари е зголемена цената на некои видови леб, а причината за тоа, според мелничарите, е поскапувањето на пченицата и брашното од жетвата досега за 40 проценти.

Министерството за земјоделство не е контактирано во врска со поскапувањето. Во изјава за МИА министерот за земјоделство Љупчо Николовски кажа дека состојбата ќе се следи и ако дојде до драстично зголемување на цените и на другите видови леб ќе се интервенира преку Агенцијата за стоковни резерви.

-Како што не известија денеска претставниците од мелничко-пекарската индустрија, ова зголемување е поради растот на цената на брашното и цената на пченицата која е берзански производ. Министерството ќе ја следи состојбата и ако дојде до драстично зголемување на цените и на другите видови леб што би влијаело врз поскапување на животниот стандард, ќе се интервенира преку Агенцијата за стоковни резерви која во ек на жетвата направи јавна набавка на 13.000 тони пченица, истакна Николовски.

Горан Малишиќ, пак, од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија објаснува дека поскапувањето на лебот е индивидуална одлука на некои мелничари, поради што не се знае дали и други ќе направат ваков чекор.

-Одредени фирми, односно пекари, одлучиле да ја зоглемат цената за десет до 20 отсто или за околу два денара. Се работи за бел леб, а причината е тоа што од жетва наваму цената на пченицата и на брашното е зголемена за околу 40 отсто. Тоа е главниот импакт што не можат да го издржат. Би нагласил дека одлуката на секоја фирма е поединечна зависно од нејзината конкурентност, профит и други фактори, истакнува Малишиќ.

Негов став е дека последниве година – две во Македонија имаше многу евтин леб, од 13 до 15 денари.

-Тоа веќе не се издржува зашто се е поскапено, енергенси, брашно, пченица. Поради тоа и некои компании одлучиле да реагираат вака, додава Малишиќ.

Лебот е основната хранлива состојка во секое семејство и токму поради тоа се јавува и револтот кај повеќето граѓани. Нашата екипа уште вчера направи мала анализа на цените со цел да ви откриеме во кои од нашите најголеми маркети има најевтин леб и дојдовме до следниве резултати:

Во Кам маркет цената на обичен бел леб варира од 20 до 27 денари денари, додека тост лебот со маслинка е 33 денари. Во Тинекс маркетите леб за тост чини 22 денари за разлика од Веро каде истиот е по цена од 27 денари. Во Жито маркетите пченичниот леб е 27 денари, додека ржаниот тост леб е 28 денари. Во Рептил маркетите цените се движат од 30 до 33 денари, односно 30 денари за бел и интегрален тост леб и 33 денари за пченкарен. И за крај во Рамстор маркетите цените се движат од 35 денари за обичен тост леб и тост леб со малинка, додека интегралниот леб е 36 денари.