Направете пица од палента: Подобра е и од класичната

ИЗВОРскопје24
|

Ви предлагаме еден нов потполно здрав рецепт за пица, кој може да го подготвите заедно со вашите најблиски.

Потребни состојки за пицата: 1 чаша палента (или пченкарно брашно) (160 г); 1,5 чаши вода (360 мл); 1,5 чаши млеко (375 мл); половина чаша рендан пармезан (50 г); 4-5 големи лажици пица сос; 2 големи парчиња моцарела; 1 лажичка суво оригано; малку маслиново масло; 1 грст рукола и неколку свежи листови босилек.

Начин на подготовка: Варете ја палентата во загреаното млеко помешано со вода околу 3-5 минути. Потоа додајте го пармезанот, измешајте добро и истурете ја смесата во тава за печење. Претходно тавата за печење обложете ја со хартија за печење. Смесата ќе биде доволна за да направите две пици.

Основата од палентата попрскајте ја со малку маслиново масло и печете ја 20 минути во рерна загреана на 220 °С. Потоа извадете ја тавата, премачкајте ја пицата со сосот, додајте ја моцарелата и сувото оригано и печете уште 5 минути додека не се стопи сирењето. Послужете ја пицата со свежи билки и сечкана рукола.

Рецепт за вкусен пица сос: 2 конзерви домати (пелати); 1 лажичка кромид во гранули; 1 лажичка лук во гранули; 1 лажичка суво оригано; 1 лажичка мед; 1/2 лажичка сол и 1 прстофат бибер.

Начин на подготовка: Сите состојки ставете ги заедно во тенџере на тивок оган. Варете го сосот 20 минути. Повремено мешајте и почекајте вишокот течност да испари, а сосот да стане густ.