Нови препораки: Колку време може децата да поминуваат пред екран?

Во дигиталната ера во која живееме, тешко е да ги држиме нашите деца далеку од екраните. Како мајка, сигурно постојано се прашувате колку време може да минува вашето дете пред телевизор, таблет или мобилен телефон.

Американската академија на педијатрите (AAP) објави нови препораки. Максималното препорачано време пред екраните варира според возраста.

– За деца под 18 месеци. Избегнувајте детето да гледа во екран. Има малку докази дека на оваа возраст децата можат да имаат корист од она што го гледаат. Исклучок од тоа се видео-разговорите (на пример со баба/дедо или други роднини и пријатели), бидејќи тоа може да ги подобри нивните способности за социјализирање.
– За деца од 18 до 24 месеци. Не го оставајте вашето дете само пред телевизор или со таблет или мобилен телефон. Гледајте заедно, за да му помогнете да го разбере она што го гледа.
– За деца од 2 до 5 години. Ограничете го времето пред екраните на 1 час дневно и изберете квалитетни емисии и едукативни содржини.

Дополнителни препораки:

– Не дозволувајте детето да гледа ТВ или да консумира содржини преку мобилен телефон или таблет во период од еден час пред спиење.
– Не смеете да си дозволите мобилниот телефон/таблетот/телевизорот да ви биде единствена тактика за смирување кога детето е вознемирено. Зошто? Бидејќи детето може да не развие способност само да ги контролира емоциите.
Избегнувајте програми и апликации со содржини кои вклучуваат насилство.
– Надгледувајте што гледа детето. Тестирајте ги апликациите кои тоа ги користи и прашувајте го за мислење.
За телевизорите, таблетите и мобилните телефони не треба да има место за време на семејните оброци и игри и во спалните соби.

Новите препораки доаѓаат на местото на досегашниот совет до родителите да не им дозволуваат на децата да гледаат ТВ до 2 години, а се создадени како последица на неодамнешни истражувања кои велат дека ограниченото користење на некои технологии може да влијае позитивно на децата, преку давање можности за учење и социјална интеракција.

Истражувањата ја поврзуваат прекумерната употреба на технологијата со прекумерна тежина, недостиг на сон, проблеми со однесувањето и концентрацијата. Друг загрижувачки фактор е несоодветната содржина.

Младите на денешницата се првата генерација што може да „ужива“ во мобилната комуникација во секое време и на секое место. Но токму ова може да влијае негативно на децата, нивното однесување и гледање на секојдневието.

Денес, седум од десет деца без разлика дали на предучилишна или на училишна возраст имаат мобилен телефон што постојано го користат.

Она што е загрижувачки е влијанието на мобилните уреди на социјалниот и општествен живот на овие деца. За многумина од нив мобилниот телефон е предмет што им овозможува подобро да се вклопат во средината што ги опкружува, односно во друштвото на своите врсници, што им влева поголема самодоверба и сигурност. Подоцна мобилниот телефон, односно постојаното телефонирање и испраќање пораки може да стане прекумерно. Едно истражување спроведено од Centre for Science Education на универзитетот во Шефилд, докажува дека 90% од пораките што секојдневно биле испратени и примени биле од деца, од кои 16% праќале дури до 10 или повеќе пораки во еден ден.

Влијанието на мобилните телефони на социјалниот и општествен развој на децата

Мобилните телефони денеска вообичаено ги „хранат“ личните потреби кај тинејџерите – тие им овозможуваат да се вклопат во средината и да стекнат популарност помеѓу своите врсници со кои комуникацијата е постојана. Кај некои деца мобилниот телефон ја задоволува и желбата за внимание, како и емотивниот порив, а кај други желбата за добар материјален статус. Сите овие нешта моментално може да ја зголемат самодовербата кај децата, но тоа може многу брзо да се промени и да предизвика спротивен ефект што ќе се одрази негативно на нивниот социјален и општествен развој.

Влијанието на мобилните телефони на здравјето и безбедноста на децата

Зрачењето од мобилните телефони е една од најголемите опасности по здравјето на децата. Се смета дека здравјето на децата е многу поранливо од зрачењето од мобилните телефони, отколку на возрасните, бидејќи главата и нервниот систем сè уште се развиваат во раните тинејџерски години.

Оттука, експертите препорачуваат децата под 16 години да го користат телефонот само во приоритетни ситуации и да избегнуваат долго играње игри или често испраќање пораки.

Досега многу земји во светот започнаа со преземање важни иницијативи за покревање на свеста за штетноста на мобилните телефони на здравјето на децата. Владата во Франција презема чекори за промена на законите за заштита на децата што влучуваат забрана за користење на мобилните телефони во училиштата, а владината агенција Radiation and Nuclear Power Authority во Финска, пак, реагираше на загриженоста на безбројните научници и невролози во светот и ги советуваше родителите да преземат мерки на претпазливост.

Совети при купување на мобилен телефон за детето
Родители, доколку размислувате да му купите мобилен телефон на вашето дете, обидете се да поставите граници и правила што би ви помогнале уште на самиот почеток да му објасните на вашето дете за правилната употреба на мобилниот телефон:

– одредете висина на средства за јавувања и праќање пораки;
– објаснете му различни приоритетни ситуации кога би требало да ве контактира;
– објаснете му на што треба да внимава и за што да не го користи телефонот;
– одредете број часови во денот може да го користи телефонот за играње;
– потенцирајте му каде треба да го чува телефонот;
– потенцирајте му да не го дава својот број на непознати личности.