Одземена лиценца на скопски автобуски превозник – во Истанбул тргнал возач без сертификат

ИЗВОРСкопје24
|

Скопскиот превозник Бога транс остана без својата лиценца за работа откако автобус на оваа компанија на пат кон Истанбул беше фатен со несоодветни документи.

На 21-ви декември при инспекциска контрола е утврдено дека возачот на автобусот не поседувал соодветен сертификат за меѓународен сообраќај.

Бога транс со седиште во Аеродром имала важечки лиценци за автобусот, а МВР тогаш соопшти дека имало проблеми и со сообраќајната дозвола во која стоел еден податок за број на шасијата, додека на автобусот имал друг број на шасија.

И со такви документи, автобусот добил лиценца за меѓуанароден сообраќај. Полицијата се уште не соопшти до каде е истрагата за сообраќајната дозвола со лажни податоци.

Во меѓувреме, министерството за транспорт и врски извести дека со решение ја одзема лиценцата на Бога транс и издава решение за привремена забрана за вршење на дејност.

Во соопштението на Министерството за транспорт стои дека Бога Транс сега треба да ги врати лиценците и изводите во министерството. Целото соопштение во продолжение.

По барање на Државниот инспекторат за транспорт, Министерството за транспорт и врски донесе Решение за одземање на лиценцата за работа на превозникот „Бога Транс“ од Скопје.

Министерството за транспорт и врски донесе Решение со кое привремено му се забранува вршење на дејност на превозникот, со што му се одземаат лиценците за внатрешен и за меѓународен превоз на патници, како и изводите од лиценци. Истиот е должен лиценците и изводите од лиценците да ги достави до Министерството за транспорт и врски.

Имено, превозникот „Бога Транс“ поседувал лиценца за вршење на внатрешен слободен и посебен линиски превоз на патници, како и лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници. Исто така превозникот поседувал и важечки изводи од лиценци за вршење на внатрешен слободен и посебен линиски превоз на патници и изводи од лиценци за вршење на меѓународен слободен превоз на патници.

Од страна на Државниот инспекторат за транспорт е извршен вонреден инспекциски надзор на 21.12.2021 година, за што надлежниот инспектор констатирал дека и покрај тоа што превозникот поседувал важечки лиценци, возачот не поседувал валиден сертификат за вршење на дејност во меѓународен сообраќај. Со тоа, утврдени се неправилности во работењето на правниот субјект, односно работел спротивно на Законот за превоз во патниот сообраќај.

Имено, согласно член 8 став 1 точка 3 од Законот за превоз во патниот сообраќај, домашно правно или физичко лице може да добие лиценца ако исполнува одредени критериуми, меѓу кои да има вработено во работен однос минимум еден возач по моторно возило.

Бидејќи превозникот „Бога Транс“ во моментот на инспекцискиот надзор не ја запазил оваа одредба од Законот, Министерството за транспорт и врски по барање на Државниот инспекторат за транспорт, донесе Решение за привремено запирање на вршење на дејност.