Синоптичарите најавуваат мала промена на времето: Еве што ќе се случува следните денови

Синоптичарите ја објавија најновата метео прогноза.

Од УХМР велат дека утре ќе преовладува сончево време, во источните делови со мала до умерена облачност, а од петок умерено наоблачување ќе има на повеќе места.

И во наредните денови утрата ќе бидат малку постудени, а дневните температури ќе бидат без позначителни промени.

Метеорологот Славчо Попоски пак вчера најави дека и во текот на следните денови под влијание на висок воздушен притисок и на стабилна, сува и топла воздушна маса која продира од југ времето во државава ќе биде сончево и натпросечно топло повремено со мала до умерена локална облачност, ќе дува и слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.

Максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 21 до 27 степени.

Ув индексот ќе има умерено висока вредност и ќе изнесува коефициент помеѓу 4 и 5.

Слично нешто најавуваат и европските хидрометеоролози, летово ќе потрае, а во втората половина на оваа недела се очекуваат температури од 7 до 10 степени повеќе во однос на просечните за овој период од годината.

Severe Weather Europe на својот портал објави дека се очекува многу топло време во централна Европа, каде температурите во седината на оваа недела ќе се движат околу 25 степени, во Франција и Шпанија 30 па дури и над тоа.

Наредниот викенд на северот од Европа се очекува температура за дури 15 степени повеќе од просекот.

Многу топло време се очекува и во најсеверните делови од Европа, по ширењето на топлиот бран преку Скандинавија и Атлански океан се до Гренланд.