Светски познатиот перкусионист Рани Крија одржа семинар во ДМБУЦ “ИЛИЈА НИКОЛОВСКИ-ЛУЈ”-СКОПЈЕ

Во преполната концертна сала на ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј”, денес се одржа интерактивен клас со светски познатиот перкусионист Рани Крија, каде презентираше серија ритми од латиноамериканската и афричката музичка традиција, свиреше и објаснуваше техники на свирење и независност на екстремитети, како и употреба на ритмите во модерната музика.

Присутни беа ученици од сите оддели, без разлика на инструментот кој го свират или пак се од балетскиот оддел. Заедно со него на сцената застанаа повеќе ученици кои имаа ретка можност да свират со ваков музичар. Освен ученици и наставници од Скопје, специјално за овој настан дојдоа ученици од музичките училишта од Штип и од Тетово, како и студенти и професори од Факултетите за музичка уметност.

Браќата Тавитјан со чие несебично залагање се одржа овој настан се заблагодарија на училиштето во кое го стекнаа своето музичко образование и ветија дека заедно со директорот Јован Бицевски ќе продолжат и понатаму да организираат вакви настани со големи имиња од светската музичка сцена.

На крајот од предавањето, Рани не можеше да одолее на македонскиот тапан и заедно со наставник од ДМБУЦ отсвиреа некои македонски ритмови.

Rhani Krija, е роден во Есаира, Мароко. Тој израснал во родниот крај слушајќи и изучувајќи ги музичките стилови на Северна Африка, кои се и основа на неговото понатамошно музицирање.

Неговите почетоци се врзани со најреномираните имиња на Мароканската музичка сцена, каде бргу станал многу почитуван и еден од најбараните перкусионисти. Веќе тогаш станува познат по својата автентична изведба на Андалузиски, Арапски, Африкански и Латиноамерикански ритми и стилови.

Подоцна Рани заминува за Франција каде живее и работи како перкусионист одреден период за подоцна да се пресели во Келн Германија, каде живее до денес. Оттаму започнува неговиот пат кон интернационалната слава.

Во својата богата кариера настапува со голем број интернационални уметници како и со некои од најголемите светски музички ѕвезди. Најзначаен период во неговата кариера се ангажманите во бендот на Sting, Peter Gabriel, Prince, Annie Lennox, Herbie Hancock, Chick Corea, Al Di Meola, Craig David, Manu Katché, Branford Marsalis, Placido Domingo, Sean Paul, the Black Eyed Peas, Shaggy.

Во 2003 на повик од Стинг, го снима целиот албум со наслов Sacred Love, како и на хитот Desert rose. По овој материјал тој станува перманентен член на бендот со кој Стинг реализира неколку светски турнеи.

Исто така соработува со светски и Европски џез артисти како Дон Бајрон, Салиф Кеита, Ксавиер Наиду, Вини Калијута, Доминик Милер, Сара Конор, Омар Соса, Момо Xендер, Еда Зари, Кезаја Xоунс и многу други.

Во 2008 година тој остварува соработка со браќата Тавитјан како гостин на нивниот концерт во Универзална сала. Повторно гостува во Македонија на концертот на Тавитјан со проектот Македонско срце на градскиот стадион во Скопје по повод ден на независност на РМ во 2012 година. Тоа е воедно и негов прв контакт со Балканската музика.

Тој е виртуоз на сите перкусии. Негова специјалност се xембе, дарбуката, табла, тимбалеси, конги, бонгоси како и голем број на етнички перкусии. Неговиот перформанс се карактеризира со ритмичка независност на екстремитетите, остинато и исклучително стабилна ритмичка форма. Тој ги познава и владее повеќето ритмови од Северно Африканската, Латино Американската и Арапската традиционална музика. Редовно одржува мастеркласи и воркшопови низ светот каде ги презентира напоменатите ритми, ритмичката независност при нивното изведување и употребата на истите во модерните музички стилови.

Со над 10.000 реализирани настапи, Рани Крија важи за еден од најдобрите перкусионисти во светот.