Вака изгледаше прослава на 1. Мај во Скопје во 1960 година

Во спомените за старо Скопје, постарите генерации како празник над празниците ја помнат прославата на Први мај – Денот на трудот. Работните луѓе од цела Македонија се собирале во главниот град каде на спектакуларен начин се организирала првомајската парада на која сите настојувале да го прикажат она што го работеле и она што го постигнале на најдобар начин. Тоа е време во кое Скопје имало Градска, Руска и Офицерска плажа, време во кое вториот ден се славел на Сарај и Матка со пријатели, роднини, во друштво со девојките и момчињата или пак, едноставно со скопјани. Но, се согласуваат речиси сите што го изживеале тоа време, првомајските излети биле во сенка на парадата која била најголемото чудо на првомајските празници.

Првомајската треска почнувала петнаесетина дена пред празникот. Градот невообичаено се раздвижувал, секое негово делче, сите работни организации, сите жители од најстарто до најмаладо се подготвувале за дочекот на Први мај. Во центарот на градот, пред тогашниот Офицерски дом на плоштадот се правела голема бина пред која дефилирале работниците покажувајќи ги своите достигнувања. За тоа време и свечениот дух што ги исполнувал луѓето, со восхит раскажува Трајче Попов, доајен на македонската кинематографија, кој преку својот објектив ги следел првомајските празнувања.

“По ослободувањето, во повоените години немаше, поголем празник од Први мај. Петнаесетина дена пред празникот, Скопје, а и целата земја беше во првомајска грозница. Градот беше во големи подготовки. Се подготвуваше бината кај Офицерскиот дом за важните луѓе во земјава од каде тие ги поздравуваа работниците. Додека по талпите не поминеа неколку големи ваљаци кои ја тестираа најзината издржливост таа не се сметаше за подготвена. Во сите можни работни организации пак, тргнувајќи од здравствените домови, фабриките, угостителските објекти па се до училиштата и градинките сите се подготвуваа за големиот празник. Трудбениците, како што тогаш ги викаа работниците, ги подготвуваа своите работнички одела и производите кои ги изработуваа, лекарите белите мантили и апаратите со кои тогаш работеа, спортистите скиите, топките, јажињата, пионерите црвените марами и се она што беше белег на еден човек во општеството се подготвуваше на Први мај да дефилира на плоштадот, вели Попов кој ова време го документирал и го овековечил во своите филмови.

Тој со носталгија се сеќава на предвечерието на Први мај. Од сите страни на Македонија, кај тогашното сајмиште под Калето, се собирале стотици луѓе. Селани со овци и јагниња што требало утредента да ги покажат на дефилето како производ на својот труд, мајки со деца и безброј работници со фабрички производи се собирале таму бидејќи тоа било единственото место кое можело да ги собере сите. Тука, под ведро небо ја минувале ноќта во исчекување на празникот. Парадата почнувала во десет часот. “Прво тргнуваше народниот фронт, организација на возрасни кои со рачни колички и лопати на рамо ја отсликуваа обновата на земјата во повоениот период. Следуваа стотина рудари со шлемови и копачи во колони од по шест луѓе. По нив одеше младината исто така со колички и лопати на рамо. На челото на секоја колона, првите шестмина носеа по едно знаме, имаше и југословенски, но и македонски. Зад нив доаѓаше АФЖ. Тоа беа најпотресните слики од парадата. Младите мајки кои веќе се имаа зачленето во АФЖ, задолжително парадираа, а покрај колоната, од страна, без некој ред со нив одеа татаковците со децата на рамо кои ги гледаа своите мајки како сериозно и со почит ја извршуваат својата задача.

Парадата секогаш беше речиси совршено организирана. Постоеше ред и работите не застануваа ниту за миг. По мајките одеа пионерите кои со црвени марами на вратовите и црвени знамиња во рацете беа гордост на парадата. Посебно интересни пак беа камионите на кои различни организации ја импровизираа својата дејност. Најголем впечаток од сите паради ми остави камионот на кој беше натоварен цел родилен дом, со столови за породување, со дрвени колевки за бебињата па дури и со бебиња во нив. Во друг камион беше изложен рентген. Еден да имаше во болницата, тој ќе се ставеше во камион и на први мај ќе се покажеше пред сите. На камиони минуваа и импровизирани хотелски соби, со маси поставени со чаршави и вазни на нив. Минуваа и камиони со пресечени железнички вагони кои ги прикажуваа работилниците за поправки на вагони, со автобуси се претставуваше нашата прва фабрика за автобуси “Браќа Поповиќ” и се што тогаш имаше Македонија на Први мај беше на плоштадот. Мелница за ориз натоварена во камион и двајца работници што мелаат го претставуваше Кочани. Кога ќе се доближеа до насобраната толпа фрлаа ориз насекаде. На едно големо пано за да се прикаже кочанскиот ориз имаше насликано жени со здолништа наведнати во нивите. Тоа беше многу смело за тоа време кога беше срамота да се гледаат откриени женските нозе над коленици, се сеќава чичко Трајче.

Натоварени на камиони минувале и погони од фабрики. За да се прикаже процесот на производство на цигли за обнова и изградба на земјата, работниците во камионите меселе кал и на лице место правеле цигли. Тој вели дека парадите имале и натпреварувачки дух. Исти вакви паради се организирале во сите главни градови на Републиките во Југославија и секоја република од година во година настојувала на парадите да се прикаже како подобра. Прадите се снимале и од нив подоцна се правел ” филмскиот журнал” кој се гледал во целата земја пред почетокот на филмовите во кината.“Парадата беше и еден вид реклама.

Само тука можеше целата јавност да види дека во Велес порцеланските тањири се шараат рачно. И тоа беше изложено во камион, во кој млада девојка или жена со четката в раце ги исцртува шарите на тањирите. На тие паради сите со умешност настјуваа да се покажат во најдобро светло и ниту за момент не дозволуваа кај нив да се види дека се возат во дрндави камиони кои на коцката на плоштадот уште повеќе подрипнуваа. А знаеше да дувне и посилен ветар и се да направи лом наоколу, но и покрај нередот што го создаваше, парадата продолжуваше до петнаесет часот, а некогаш и повеќе. Кога плоштадот ќе се испразнеше и луѓето ќе се разотидеа, највеќе работа имаа џамџиите. Стаклата на околните дуќани кои во тоа време беа многу тенки, не како денешните, редовно се кршеа во турканиците кога минуваа парадаите. Интересно е што народот тогаш беше многу чесен. И покрај тоа што џамовите беа искршени, кражби не се случуваа. Луѓето се прибираа во своите домови и се подготвуваа за вториот ден од празникот, веселбите во природа, вели Попов.