Во минатото ова место било село, а денес е една од поновите урбани населби во градот

Оваа скопска урбанизирана населба, е составена од две населби означени како Влае I и Влае II. Влае е во состав на општината Карпош, Скопје. Населбата Влае се наоѓа во западниот дел на Скопје, меѓу населбите Ѓорче Петров (на запад), Злокуќани (на север), Хром (на југ) и Карпош IV(на исток). Наслебата лежи од левата страна на реката Вардар.

Низ Влае поминува фреквентниот булевар „Партизански одреди“, што ја прави населбата транзитна зона за речиси сите што патуваат од Скопје кон Тетово.

Поголемиот дел од Влае се состои од куќи и бараки. Единствените згради во Влае се комплексот згради Порта Влае, покрај неколкуте станбени згради што се наоѓаат на границата со Хром и се високи до 5 катови. Порта Влае претставува трговски центар, составен од 5 згради со бела пикувана фасада. Во приземјето и на мезанинот има деловни простории, а останатиот дел се станови. На кејот на реката Вардар, на северната страна од мостот „Обединети нации“ се наоѓаат бројни луксузни куќи и имоти. Јужно од мостот се наоѓаат фудбалски и кошаркарски игралишта и детско игралиште.

Во Влае се наоѓа и таканаречениот железнички мост (сега булевар), јужно од „Обединети нации“, што значително го скратува патот од Влае и Хром до Тафталиџе и Капиштец. Во населбата има едно основно училиште, „Димо Хаџи Димов“ коешто се наоѓа јужно од булеварот „Партизански одреди“. Во училиштето учат околу 1700 ученици, без претшколските од градинката во истото училиште. Поранешното име на училиштето било „Јосип Броз – Тито“.. Долго време во изградба беше познатиот пешачки мост, надвозникот „Влајко“. Надвозникот е поставен на многу нефреквентно место, на околу 100 m од главниот пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“, што ја прави неговата улога многу незначителна.

Според традиционалните преданија, селото е создадено во подалечното минато со преселба на жители од Горно Нерези на падините на Водно.

На крајот од XIX век Влае било село во Скопската каза. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900г. Влае имало население од 40 жители, сите Македонци христијани. За селото Влае, Јордан Хаџи Константинов – Џинот забележал дека било расположено на брегот на реката Вардар и имало околу 2.000 врби и било „едно село највесело“.

Влае е една од поновите населби во Скопје. Изградена е по земјотресот во 1963 година со своевидно проширување на селото Влае, со донации од владата на Словенија. Затоа поголемиот дел од улиците имаат имиња на словенечки писатели, како на пример „Иван Цанкар“, „Франце Прешерн“ итн.